Servet Günerigök
01 Април 2020•Ажурирај: 01 Април 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Бројот на починати во САД од последиците на Ковид-19 изнесува над 4.000 лица, според денешните податоци објавени од Универзитетот „Џонс Хопкинс“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бројките добиени од Универзитетот покажуваат дека вкупно 4.076 лица починале, а 189.618 се заразени од вирусот со кој САД се борат за да ја спречат неговата епидемија.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, предупреди дека наредните две недели ќе бидат тешки за САД во однос на смрните случаи од Ковид-19.
Говорејќи на брифингот во Белата куќа, Трамп ги повика Американците да се подготват за тешки денови, два дена откако рече дека да се задржи бројката од 100.000 до 200.000 смртни случаи од Ковид-19 би било добра работа.
„Сакам секој Американец да биде подготвен за тешките денови пред него“, изјави Трамп.
„Ова ќе бидат многу тешки две недели“, нагласи тој.
За време на брифингот, д-р Дебора Беркс, лекарката која го води тимот за одговор на Ковид-19 во Белата куќа, претстави модел за потенцијалниот број на смртни случаи од вирусот во САД.
Овој модел покажува дека од 100.000 до 240.000 лица можат да починат доколку САД ги следат мерките за социјално дистанцирање и упатствата за јавно здравје.
Без оваа интервенција, моделот покажува 1,5 до 2 милиони смртни случаи во земјата.
САД станаа земја со најмногу потврдени случаи со коронавирус, а потоа следуваат Италија, Шпанија и Кина.
По епидемијата со новиот тип коронавирус што се појави во кинескиот град Вухан во декември минатата година, вирусот неодамна се прошири во уште најмалку 179 земји и региони низ светот, а Европа стана епицентар на пандемијата, додека Кина излегува од кризата.
Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во светот од коронавирусот се заразени повеќе од 859.796 луѓе. Од последиците предизвикани од заразеност со новиот тип коронавирус починаа повеќе од 42.341 лице, а излекувани се 178.301 лице.