Ata Ufuk Şeker
06 Декември 2021•Ажурирај: 07 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Бројот на патници во авиосообраќајот во Европската Унија (ЕУ) е намален за 73,3 проценти во 2020 година поради пандемијата со коронавирусот (Ковид-19), во однос на претходната година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Европскиот завод за статистика (Евростат) ги објави податоците за патувањата во авиосообраќајот во 2020 година во 27 земји членки на ЕУ.
Според најновите податоци, авиоиндустријата во земјите на ЕУ е сериозно погодена со рестриктивни мерки и забрани за патувања воведени минатата година поради пандемијата.
Исто така, во државите на ЕУ, бројот на патници во авиосообраќајот, што во 2019 година надмина милијарда, во 2020 година е намален на 277 милиони, односно за 73,3 проценти.
Податоците на Евростат покажуваат дека 45 проценти од наведените патувања се остварени надвор од ЕУ, 33 проценти помеѓу земјите на ЕУ, а 22 проценти во внатрешноста на домашните линии на земјите членки на ЕУ.
Најголемиот пад на бројот на патувања во авиосообраќајот е забележан во Словенија со 83,3 проценти, а потоа следуваат Словачка со 82,4 проценти и Хрватска со 81,9 проценти.
Падот на бројката на патувања во Германија изнесуваше 74,5 проценти, во Франција 69,9 проценти и Шпанија 74,6 проценти.
Во овој период најмногу авионски патувања во државите на ЕУ оствариле аеродромот „Париз Шал де Гол“ со 22,2 милиони, аеродромот во Амстердам 20,9 милиони, Франкфурт 18,7 милиони и Мадрид 15,5 милиони.