Ayşe Doğru
10 Август 2019•Ажурирај: 11 Август 2019
ДАР ЕС СЕЛАМ
Во градот Морогоро, сместен во источниот дел на Танзанија, експлодираше цистерна со нафта. Бројот на загинати од експлозијата се искачи на 62 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во утринските часови во Морогоро, кој е 200 километри оддалечен од Даруселам, главниот и најголем град во Танзанија, дошло до протекување на нафта од цистерна која учествувала во една сообраќајка.
Додека голем број лица се обидувале во канти да ја собираат нафтата што протекувала од цистерната, дошло до голема експлозија.
Танзанискиот радиодифузер (TBC) објави информација базирана врз изјава на претставници на полицијата во која се вели дека во експлозијата на цистерната животот го загубиле 62 лица, а најмалку 70 се наоѓаат на болничко лекување.
Покрај тоа, во веста се наведува дека меѓу повредените има лица кои претрпеле сериозни изгореници.
Портпаролот на Владата, Хасан Абаси, рече дека со жалење ја примил веста, изразувајќи им сочувство на семејствата на загинатите.
Во мај годинава слична експлозија се случи во Нигер каде што животот го загубија 76 лица, а во државата беше прогласена тридневна жалост.