Ekipa
26 Јули 2018•Ажурирај: 26 Јули 2018
ПЕКИНГ (АА) - Маж активираше мала импровизирана бомба пред Американската амбасада во Пекинг, повредувајќи се само себеси, соопшти полицијата и портпаролот на Амбасадата на САД во Пекинг, пренесува Anadolu Agency (AA).
Фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат голем облак од чад и полициски возила околу големиот објект во североисточниот дел на Пекинг. Одделот на полициската управа во Пекинг објави соопштение на својата веб-страница дека осомничениот е идентификуван како Џијанг (26), и е роден во градот Танглиао во кинескиот регион Внатрешна Монголија.
„Џијанг е повреден во раката при експлозија на уредот, кој е направен од пиротехничка смеса и е детониран околу еден часот попладне, по локално време“, соопшти полицијата.
Нема информации за можниот мотив, а во соопштението се наведува дека истрагата продолжува.
„Не е нанесена материјална штета на објектот на Американската амбасада и нема други повреди“, изјави портпаролот на Американската амбасада.
Ниту полицијата, ниту Амбасадата немаа коментари за јавувањето на весникот „Global Times“ (Глобал тајмс), кој соопшти дека службениците уапсиле жена која се полила со бензин во близина на Американската амбасада во 11:00 часот по локално време.
Кина и САД се наоѓаат во трговски спор, но САД и понатаму остануваат многу популарна дестинација за патувања, образование и имиграција на кинеските граѓани.