Ahmad Adil
31 Јули 2024•Ажурирај: 01 Август 2024
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Бројот на загинати во големото лизгање на земјиштето во јужната индиска држава Керала се искачи на 151, соопштија денес официјални претставници, јавува Анадолу.
Опсежната операција за пребарување во областа Вајанад во Керала влезе во вториот ден, каде што се случи лизгање на земјиштето ноќта меѓу понеделникот и вторникот.
Освен неколку спасувачки агенции, во спасувачката операција се вклучија и индиската војска и воздухопловните сили.
Официјален претставник од Керала за Анадолу изјави дека бројот на загинати е пораснат на 151 и се смета дека речиси 100 лица се исчезнати.
„Во различни болници на лекување се 192 лица“, рече претставникот, додавајќи дека операцијата за спасување е во тек.
Главниот министер на Керала, Пинараји Виџајан, во вторникот изјави дека тоа е „срцепарателна катастрофа“ и дека „целата област е збришана“.
Државната Влада, исто така, прогласи дводневна жалост, а сите „јавни настани и прослави се одложени“.
Јужната команда на индиската армија на X доцна синоќа објави дека спасувачките „операции се во полн замав, сите служби на вооружените сили се вклучени во обемните напори“.
„Над 700 лица се безбедно евакуирани со комбинација на импровизирани премостувања и посветени човечки напори“, се вели во објавата.