Riyaz Khaliq Khaliq
20 Октомври 2023•Ажурирај: 21 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на загинати во израелските бомбардирања на Газа порасна на 4.137, соопштија денес претставници од Министерството за здравство во опколената енклава, јавува Анадолу.
Бројот на повредени се искачи на 13.300, изјави на прес-конференција портпаролот на Министерството, Ашраф Кудра, и додаде дека над 1.000 се водат како исчезнати.
Најмалку 16 палестински христијани се меѓу загинатите во синоќешните директни израелски напади врз грчката православна црква во градот Газа.
„Седум болници во Појасот Газа се целосно надвор од функција поради израелските напади“, истакна Кудра.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.
Официјални претставници соопштија дека во Израел досега загинале над 1.400 лица.