Yusuf Hatip
16 Април 2019•Ажурирај: 16 Април 2019
БРИСЕЛ (AA) - Бројни светски лидери и функционери упатија пораки на поддршка и солидарност со Французите по големиот пожар во париската катедрала Нотр-Дам, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Шпанија Педро Санчез истакна дека пожарот во познатата катедрала е голема трагедија.
„Тоа е трагедија за Франција, но и за Шпанија и Европа. Пламенот го уништува архитектонското здание старо преку 850 години. Ќе биде тешко да се заборави овој тажен момент. Со Франција сме", напиша шпанскиот премиер Педро Санчез на Твитер.
Премиерот на Италија Џузепе Конте исто така порача дека овој пожар ги погодил сите Французи, но и сите Европјани.
Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека чувствува длабока тага поради пожарот во катедралата Нотр-Дам, додавајќи дека нејзините мисли и мислите на нејзиниот народ се со пријателите Французи.
Претседателот на Австрија Алексадер Ван дер Белен порача дека граѓаните на Австрија во овие тешки моменти се со Франција и нејзините жители и дека не се сами.
Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант преку социјалните мрежи исто така испрати порака на поддржа на францускиот народ.
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер истакна дека ова е страшен момент, нагласувајќи ја важноста на солидарноста со Франција.
„Го делам чувството со секој Французин", порача Јункер преку социјалните мрежи.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека е страшно да се гледа како гори познатата катедрала Нотр-Дам, додавајќи дека морало брзо да се реагира за да се изгасне пожарот.
Турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушоглу изјави дека пожарот во познатата катедрала во Париз е голема трагедија за човештвото.
„Уништувањето на ова архитектонско ремек-дело кое му припаѓа на светското наследство е голема трагедија за целото човештво", наведе Чавушоглу преку социјалните мрежи.
„Со голема тага го голедаме оганот кој гори во катедралата Нотр-Дам во Париз", додаде тој.
- Пораки на солидарност од регионот
Порака на солидарност упати и премиерот на Северна Македонија Зоран Заев.
„Со голема тага ги видов сликите на Нотр-Дам во пламен. Вистинско наследство на Париз и наследство на Европа", напиша Заев додавајќи дека ова е многу тешка ноќ за сите жители на Париз.
„Вечерва мислиме на Париз,место на таква убавина и историја", напиша на Твитер премиерката на Србија Ана Бранбиќ.
Порака на солидарност со францускиот народ преку социјалните мрежи упати и претседателот на Албанија, Илир Мета.
Тој наведе дека катедралата Нотр-Дам е симбол на Париз и Франција, но исто така и сибмол на европското и светското културно наследство.
Исто така, порака на солидарност со францускиот народ упати и претседателот на Косово, Хашим Тачи.
Потсетуваме, во попладневите часови во понеделникот избувна голем пожар во катедралата Нотр-Дам во Париз.
Градоначалничката на Париз Ан Хидалго изјави дека кулата од катедралата Нотр-Дам, висока 93 метри се урна во пожарот.
Локалните медиуми и очевидците наведуваат дека во пожарот се срушил и кровот на познатата катедрала во Париз.