Ethem Emre Özcan
10 Февруари 2023•Ажурирај: 11 Февруари 2023
АНКАРА (АА) - Најмалку 3.384 лица загинаа, а илјадници се повредени во Сирија во низата силни земјотреси со епицентар во јужна Туркије кои во понеделникот го потресоа поширокиот регион, пренесува Анадолу.
Според податоците што ги собра Сириската мрежа за човекови права, Сириската цивилна заштита и други локални извори, најмалку 2.037 лица загинале, а повеќе од 2.950 се повредени во подрачјата што се под контрола на опозицијата во северозападна Сирија.
Министерството за здравство на сирискиот режим објави дека најмалку 1.347 лица загинале, а 2.295 се повредени во провинциите Алепо, Латакија, Хама и Тартус.
Многу згради се уништени или оштетени во подрачјата под контрола на опозицијата во северна Сирија, каде што спасувачките екипи деноноќно трагаат по преживеаните.
Припадниците на Сириската национална армија се вклучени во акциите за спасување во подрачјата под контрола на сириската опозиција.
Повредените се згрижени во домовите на здравје, а илјадници преживеани во земјотресите, чии домови се уништени или оштетени, ги минуваат ноќите на отворено, во џамии или во импровизирани шатори.
Сириската цивилна одбрана и други локални невладини организации во северозападниот дел на Сирија, повикуваат на итна помош.
Најмалку 18.991 лице загинаа, а 75.523 се повредени во Туркије по разорните земјотреси кои во понеделникот ја потресоа оваа земја.
Два разорни земјотреси со интензитет од 7,7 и 7,6 степени по Рихтер, во понеделникот ги потресоа јужните делови на Туркије со епицентар во Кахраманмараш, а бројни спасувачки екипи и понатаму посветено работат на акциите за претрага и спасување на луѓето заробени под урнатините на зградите.