Muhammed Emin Canik
26 Јануари 2019•Ажурирај: 27 Јануари 2019
БУЕНОС АИРЕС (AA) - Централната банка на Велика Британија, под притисок на Соединетите Американски Држави (САД), одби да ѝ го испорача на Венецуела златото во вредност од 1,2 милијарда долари, кое ѝ припаѓа на оваа земја, објави американската агенција „Блумберг“ (Bloomberg), пренесува Anadolu Agency (AA).
Наведено е дека во Централната банка на Велика Британија се наоѓаат венецуелските резерви на злато во вредност од 8 милијарди долари. Венецуела побарала испорачување на дел од златото во вредност од 1,2 милијарда долари, но Велика Британија одбила да го направи тоа.
Американските медиуми наведуваат дека Велика Британија одбила да го испорача златото по притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп, главниот државен секретар Мајк Помпео и советникот на американскиот претседател за национална безбедност, Џон Болтон.
Венецуела оваа борба ја води веќе неколку месеци, а претседателот на Централната банка на Венецуела, Каликсто Ортега, во декември минатата година ја посети Велика Британија со цел постигнување договор за трансфер, но тоа беше безуспешно.
Претседателот на Националниот парламент на Венецуела, Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател на земјата, им се обрати на припадниците на вооружените сили на Венецуела со зборовите:
„Кога нема да ги добивате вашите плати, ќе видиме колку сте му лојални на вашиот грабнувач (претседателот на Венецуела, Николас Мадуро).“
Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џереми Хант, по состанокот со американските функционери, порача дека е јасно оти Николас Мадуро не е легитимен лидер на Венецуела, односно дека Хуан Гуаидо е вистинската личност која таа земја ќе ја одведе напред.
Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, на денот кога претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, положи свечена заклетва и го започна вториот мандат на функцијата шеф на државата.
Опозицијата во Венецуела не ја признава власта на претседателот Мадуро, а челникот на опозицијата и на Парламентот, Хуан Гуаидо, се прогласи за привремен претседател.
Мадуро тврди дека станува збор за обид за државен удар поддржан од САД, кои отворено застанаа на страна на опозицијата и Гуаидо.
Освен САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај. Од друга страна, Турција, Иран, Боливија, Мексико и уште неколку земји ја поддржуваат легитимната власт на Мадуро.