Tayfun Salcı
23 Јуни 2016•Ажурирај: 24 Јуни 2016
ЛОНДОН (АА) - Во Велика Британија денес се одржува референдум за останување на земјата во ЕУ или излез од неа. Насловните страни на британските медиуми денес пратија многу различни пораки до граѓаните. Некои денешниот ден го нарекоа „Ден на независноста” , а другите ги предупредија Британците „да не скокаат во темнина”.
Над 46 милиони луѓе денес имаат право да одговорат на референдумското прашање „Дали Обединетото Кралство треба да остане членка на ЕУ или да ја напушти ЕУ?”, пишува Anadolu Agency (AA).
- "The Sun": Ден на независноста -
На насловната страна на некогаш најтиражното британско списание „The Sun” испишан е наслов со големи букви „Ден на независноста”. Како што правеше и претходно, „The Sun” и денес отворено ги повика бирачите да гласаат за излез од ЕУ.
Исто така, на насловната страна е објавена и карта на Европа на која Велика Британија е многу поизразена од другите земји на ЕУ. Во долниот дел од насловната е порачано - „Денес можете да ја испишете историјата, да остварите независност и да ја спасите Велика Британија од канџите на ЕУ. ”
„Потребен си ѝ на својата земја, Гласај за излез”, порака на насловната на „Daily Express”, кој исто така целата насловна ја посвети на референдумот.
На насловната страна на весникот „Daily Mail” се вели „Ги откриваме четирите најголеми лаги на ЕУ”, со што се упатени критики на сметка на кампањите водени за останување на Велика Британија во ЕУ.
„The Guardian” е еден од печатените британски медиуми кој е за останување на Велика Британија во Унијата, а денешниот референдум го окарактеризира како последен потег за останување во ЕУ. На насловната на „The Guardian” се наоѓа и сателитска снимка на Европа, покрај која е поставено и прашањето „Кои сакаме да бидеме”?
- „Daily Mirror”: Не скокајте во темнина! -
Весникот „Daily Mirror”, кој исто така го подржува останувањето на Велика Британија во ЕУ, на денешната насловна порача „ Мислете на своето семејство, своите деца, својата пензија, вработување и здравствен систем. Не скокајте во темнина”.
Аналитичарите предвидуваат дека одзивот на бирачите на денешниот референдум, би можел да достигне до 80 отсто, што не е забележано ниту на еден од националните избори, ниту со референдумите одржани во таа земја во изминатиот половина век.
Станува збор за трет национален референдум во историјата на Велика Британија и доаѓа по четири месеци борба за гласови помеѓу поборниците на двете опции. Британија сличен референдум одржа и 1975 година кога 67 отсто од граѓаните гласаа за останување на таа земја во Европската економска заедница.
Изборните места, кои се отворени во осум часот по средноевропско време ќе бидат затворени во 23:00 часот, а првите резултати од референдумот ќе се знаат во утре рано изутрина.