Gökhan Kurtaran
18 Август 2020•Ажурирај: 21 Август 2020
ЛОНДОН (АА) - Познатиот британски трговски синџир „Маркс и Спенсер“ денес соопшти дека планира да укине уште 7.000 работни места, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во соопштението на компанијата се наведува дека во следните три месеци ќе бидат отпуштени вкупно 7.000 луѓе поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот (Ковид-19).
Од „Маркс и Спенсер“ соопштија дека бележат добра продажба преку интернет, но дека вкупната продажба на овој трговски синџир е далеку под нивото од 2019 година.
Во однос на истиот период претходната година, продажбата на овој синџир е намалена за дури 47,9 отсто од повторното отворање на нивните продавници на 15 јуни.
Вкупниот приход на компанијата е намален за 38,5 отсто во текот на последните 13 недели, а од компанијата додаваат дека продажбата преку интернет е зголемена и дека од почетокот на годината имаат 1,9 милиони нови купувачи преку интернет.
Компанијата моментално има вкупно 40.000 вработени.