Mahmoud Mohamed Barakat
18 Август 2020•Ажурирај: 19 Август 2020
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел денес соопшти дека договорот за нормализирање на односите склучен со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) не вклучува американска продажба на воените авиони Ф-35 на заливската земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку соопштение, Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека договорот не вклучува „никакво одобрување од Израел за каков било договор за оружје меѓу Соединетите Американски Држави и Обединетите Арапски Емирати“.
Нетанјаху рече дека му дал директиви на израелскиот амбасадор во САД, Рон Драмер, на 3 август да се сретне со американскиот државен секретар, Мајк Помпео, за да пренесе експлицитна порака дека Израел се противи на евентуална продажба на Ф-35 и други напредни оружени системи на која било земја на Блискиот Исток.
„Мировниот договор со Обединетите Арапски Емирати не вклучува никаква клаузула во врска со ова, а САД му ставија до знаење на Израел дека секогаш ќе обезбедат Израел да добие квалитативна предност“, додаде тој.
Во 2016 година, Израел започна да ги прима воените авиони Ф-35 од САД.
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп го објави договорот меѓу Израел и ОАЕ за нормализирање на нивните односи.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) е првата земја од Заливот и трета арапска земја што воспостави целосни дипломатски односи со Израел, по Египет и Јордан.