Zuhal Demirci
02 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
ЛОНДОН (АА) ‒ Британскиот министер за одбрана, Бен Валас, истакна дека санкциите што ги најавија западните земји значително ќе се одразат на руската економија, но дека рускиот претседател Владимир Путин не се грижи за овие санкции, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Валас во изјавата за „Скај њуз“ (Sky News), во врска со руско-украинската војна, наведувајќи дека Русија претрпе многу повеќе жртви отколку што планирала, рече дека тоа ја натерало да ја смени тактиката во Украина.
Тој, исто така, додаде дека стравува дека бомбардирањето на украинските градови ќе се влоши.
„Ова е вистината и се плашам дека ситуацијата само ќе се влоши. Руската доктрина ќе стане поостра“, рече Бен Валас.
Истакнувајќи дека Руската армија била уверена дека ќе ги преземе повеќето градови за неколку часа и дека не ги остварила плановите, Валас додаде: „Денеска видовме некои снимки од руските сили во Харков, каде што живеат 1,4 милиони луѓе, но градот не е под нивна контрола.“
Британскиот министер, исто така додаде дека рускиот конвој кој се приближува кон Киев, најверојатно запрел од различни причини.
- „Руските власти мислат дека нема да бидат оштетени од санкциите“ -
На прашањето за влијанието на санкциите наметнати од западните земји врз Русија, Валас, нагласувајќи дека руската економија ќе биде значително погодена од нив, рече: „Дали му е грижа? Искрено, тој [Путин] не се грижи за санкциите.“
Алудирајќи на еден претходен разговор со руски официјални лица, Валас додаде: „Мислат дека рускиот народ може да страда повеќе од мојот [британскиот] или од Европејците, но дека не може да биде оштетен со санкции.“