Ahmet Gürhan Kartal
02 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
ЛОНДОН (AA) - Британскиот министер за одбрана, Мајл Фалон, поднесе оставка по медиумските тврдења за сексуално вознемирување на новинарка пред 15 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Фалон во писмото по повод оставката наведе дека неговото однесување во минатото можеби, како што наведе, не ги исполнило стандардите кои се очекуваат во британската војска.
„Во последните неколку дена се појавија бројни наводи во врска со пратениците, вклучувајќи и некои за мое однесување од минатото. Многумина од наводите се неточни, но прифаќам дека во минатото бев под високите стандарди кои ги бараме во вооружените сили кои имав чест да ги претставувам. Размислував за целата сиуација во која се наоѓам и во оваа прилика поднесувам оставка на место на министер за одбрана", се наведува во писмото на оставката упатено до премиерката Тереза Меј.
Фалон претходно оваа седмица стана првиот британски министер кој призна непримерно однесување, коментирајќи инцидент во кој допрел колено на новинарката Џули Харли-Бревер пред 15 години.
Преку гласноговорникот призна дека го допрел коленото на новинарката во текот на една вечер 2002. година.
Меѓутоа, новинарката преку Твитер напиша дека тогаш не се чувствувала „премногу вознемирена или потресена", додавајќи дека се спротиставува Фалон да биде судски гонет поради инцидентот.
Истакна дека воопшто не очекувала дека министерот за одбрана ќе даде оставка.
Меј, коментирајќи го писмото на оставката рече дека длабоко го цени начинот на кој Фалон постапил во ситуација во која се нашол.
„Го ценам сериозниот начин на кој ја разгледувавте вашата ситуација како и конретниот пример кој сакате да им го дадете на војниците, жените и сите други лица", рече Меј.
Освен за Фалон, во британските медиуми неодамна се појавија и тврдења за несоодветно однесување на уште неколку британски министри.