Tayfun Salcı
01 Април 2018•Ажурирај: 01 Април 2018
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за безбедност, Бен Валас, во чиј ресор е и економскиот криминал, претресот на рускиот авион изведен во петокот го нарече рутински, јавува Anadolu Agency (AA).
Припадниците на британската гранична полиција на аеродромот „Хитроу“ (Heathrow) во Лондон, во петокот извршија претрес на авион на руската авиокомпанија „Аерофлот“. Руските органи побараа објаснување за оваа постапка која ја нарекоа провокација, а Валас даде одговор во писмена форма.
„Претресот на авионот беше рутински и во насока на заштита на Велика Британија од организираниот криминал, и со цел штетните материи, како што се дрогата или огненото оружје, да не бидат внесени во земјата“, објаснува Валас, потсетувајќи дека по завршувањето на претресот, на рускиот авион му е дозволено да го продолжи патот.
Дипломатската криза помеѓу Велика Британија и Русија доби епилог откако припадниците на британските безбедносни сили извршија претрес на авионот SU2582 кој пристигна од Москва.
Патниците и членовите на екипажот го напуштија авионот, и при пребарувањето на авионот во кој пилотот беше задржан во пилотската кабина, учествуваа и кучиња.
Амбасадата на Русија во Лондон реагираше на изјавата на Валас, обвинувајќи го британскиот министер дека вниманието го свртиле во погрешна насока.
Амбасадата смета дека недозволувањето на пилотот од почеток да учествува во претресот, е кршење на меѓународните права.
Кризата меѓу двете земји започна откако на 4 март во Велика Британија беше затруен рускиот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Велика Британија, обвинувајќи ја Русија за овој чин, протера 23 руски дипломати, а Русија одговори со иста мерка.
На иницијатива на Велика Британија, одлука за протерување на руски дипломати донесоа и други земји. Русија на крајот донесе одлука за протерување на 50 британски дипломати и побара изедначување на бројот на вработени во дипломатските претставништва на двете земји.