Zuhal Demirci
30 Март 2022•Ажурирај: 31 Март 2022
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека санкциите кои ги воведе кон Русија поради војната што ја започна против Украина нема да бидат укинати, дури и ако се постигне прекин на огнот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како одговор на повикот на пратеникот на владејачката Конзервативна партија, Џони Меркер, за поголема воена помош на Украина, Џонсон рече дека Меркер е целосно во право и дека би требало да ја удвојат воената и одбранбената поддршка.
„Исто така, ќе обезбедиме никој од нашите пријатели и партнери во светот да не се откажува од санкциите. Всушност, мораме да го зголемиме економскиот притисок на Владимир Путин, а укинувањето на какви било санкции е апсолутно незамисливо и доколку постои прекин на огнот“, рече Џонсон.
Тој истакна дека не треба да има „назад“ кога станува збор за санкциите кон руските поединци и организации.
Портпаролот на британскиот премиер вчера ги информира новинарите дека Џонсон на состанокот со министрите рекол дека само прекинот на огнот нема да биде причина за укинување на санкциите кон Русија.