Enes Canlı
04 Јули 2020•Ажурирај: 06 Јули 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Британската Амбасада во Триполи изрази загриженост за прекинот на производството на нафта во Либија и веста дека странски сили интервенирале на нафтените полиња, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Амбасадата, објавено на официјалниот профил на социјалните мрежи, се истакнува дека намалувањето на производството на нафта во Либија, кое започна од јануари, предизвика загуба на приходи во износ од над 6 милијарди долари.
„Вестите дека странските платеници интервенирале на нафтените полиња во Шерара се вознемирувачки. Милитаризацијата на енергетскиот сектор во Либија е неприфатлива и може да доведе до подлабоки штети. Основниот приход на Либија доаѓа од енергетскиот сектор. Тој е од витално значење за процесот за обнова и реконструкција на земјата по конфликтот“, се наведува во соопштението.
Амбасадата посочи дека либиската Национална нафтена корпорација (NOC) е единствената корпорација за црпење, преработка, дистрибуција и извоз на нафта во земјата и дека работата на таа корпорација не треба да биде спречена во интерес на сите Либијци.
Во соопштението се повикуваат сите страни во Либија да се вратат на преговорите предводени од Обединетите нации (ОН). Исто така се забележува дека странската интервенција ги спречува овие напори.