Ahmed Asmar
20 Март 2025•Ажурирај: 21 Март 2025
АНКАРА (АА) - Вооруженото крило на палестинската група Хамас денес соопшти дека истрелало ракетен бараж кон Тел Авив, централен Израел, што го означи првото истрелување на ракета од Газа откако Израел го прекрши прекинот на огнот во вторникот, пренесува Анадолу.
Во кусото соопштение, Бригадите Ал-Касам соопштија дека истрелале ракетен бараж од типот М90 кон Тел Авив „како одговор на ционистичките масакри врз цивилите“ во Газа.
Израелската војска го потврди баражот од ракети од Газа, тврдејќи дека едната ракета била пресретната од противвоздушната одбрана на војската, додека други две паднале на отворен простор.
Претходно, израелските медиуми, меѓу кои и информативната веб-страница „Тајмс оф Израел“, соопштија дека сирените за ракетен напад се огласиле во централниот дел на Израел, по истрелувањето на ракетите од Газа.
Засега нема информации за жртви од страна на израелските власти.
Над 700 Палестинци се убиени, а над 900 се повредени во ненадејната воздушна кампања на Израел врз Газа од вторникот, со што беше прекршен договорот за прекин на огнот и размена на затвореници кој стапи на сила во јануари.
Речиси 50.000 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а над 112.000 се повредени во бруталната израелска воена кампања во Газа од октомври 2023 година.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.