Muhammet Nusret Altun
30 Јули 2019•Ажурирај: 31 Јули 2019
РИО ДЕ ЖАНЕИРО
Најмалку 57 затвореници загинаа во немирите во бразилски затвор, во кои две банди се судираа подолго од пет часа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Членовите на бандата провалиле од едно во друго крило на затворот „Алтамира“ во сојузната држава Пара.
Еден од вработените во затворот, Жарбаш Васконселош, потврди дека се убиени 57 затвореници и дека 16 лица се обезглавени.
Тој изјави дека поради пожарот, безбедносните сили определен период не можеле да влезат внатре.
Во мај, во ист ден во четири различни затвори во Манаус се убиени 40 затвореници, ден откако во околните затвори се убиени 15.
Со речиси 727.000 затвореници, Бразил има трета најголема затворска популација, а затворските капацитети се предвидени за околу 368.000 лица.
Бразил има околу 210 милиони жители и се вбројува меѓу државите со најголема стапка на насилство во светот.