Jeyhun Aliyev
07 Јануари 2022•Ажурирај: 08 Јануари 2022
АНКАРА
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека надворешната воена помош на Казахстан ги враќа „сеќавањата на ситуациите кои треба да се избегнуваат“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изразувајќи ја „големата загриженост“ на ЕУ за случувањата во Казахстан, каде што луѓето протестираат против покачувањето на цените на течниот нафтен гас, Борел на Твитер напиша дека правата и безбедноста на цивилите мора да бидат загарантирани.
„ЕУ е подготвена да даде поддршка во решавањето на оваа криза“, додаде тој.
Организацијата на Договорот за колективна безбедност (CSTO), воена алијанса предводена од Русија, испрати мировни трупи вчера во Казахстан, каде што масовните немири произлезени од националните протести поради високите цени на течниот нафтен гас доведоа до вонредна состојба и оставка на Владата.
Протестите започнаа во западен Казахстан на 2 јануари поради зголемувањето на цените на течниот нафтен гас (ТНГ), а подоцна се проширија и во другите области на земјата пред да се прошират низ целата земја.
Во трговската престолнина Алмати и во регионот Мангистау богат со нафта е прогласена вонредна состојба за да се обезбеди јавна безбедност.
Казахстанскиот претседател Касим-Јомарт Токаев во средата ја одобри оставката на Владата.
Тој, исто така, побара помош од Организацијата на Договорот за колективна безбедност, чии сили се состојат од воени единици од Русија, Белорусија, Ерменија, Таџикистан и Киргистан -- кои се согласија да испратат неодреден број мировници. Мировните сили беа испратени со авиони на руското воено воздухопловство.