Melike Pala
22 Јануари 2024•Ажурирај: 23 Јануари 2024
БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика, Жозеп Борел, денес инсистираше на решение со две држави, порачувајќи му на Израел дека не може да гради мир „само со воени средства“, јавува Анадолу.
Министрите за надворешни работи на ЕУ денес свикаа состанок во Брисел за да разговараат за израелската војна против Газа, при што се очекува одделно да се сретнат со израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац и со палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики.
Борел одговараше на прашањата на новинарите пред состанокот и ја повтори осудата на Обединетите нации за „неприфатливото“ одбивање на Израел на повиците за создавање палестинска држава по војната во Газа.
„Кои се другите решенија што ги имаат на ум? Да ги натераат сите Палестинци да заминат? Да ги убијат? 25.000 се веќе (убиени заб. а.) во Газа, од кои 70 отсто се жени и деца. Се разбира, начинот на кој тие се обидуваат да го уништат Хамас не е начинот на кој тие работат, бидејќи тие шират омраза со генерации. Имаме на ум што е Хамас, што направи Хамас и секако го отфрламе и го осудуваме. Но мирот и стабилноста не можат да се изградат само со воени средства, ниту со овој конкретен начин на користење воени средства“, рече Борел.
Тој додаде дека хуманитарната ситуација во Газа не може да биде полоша и дека нема зборови со кои може да се опише ситуацијата на теренот.
„И секој ден има голем број убиени цивили. Многу министри рекоа дека се 'премногу'. Па, прашањето е: колку е 'премногу'? Што значи 'премногу'? Дали 25.000 луѓе се премногу? Колку ќе трае ова? Тоа е она за што министрите ќе разговараат денес, така што тоа е многу важен состанок. Среќен сум што успеав да ги поканам и да ги натерам да дојдат“, рече Борел.
Тој додаде дека на денешната средба ќе се презентира сеопфатен пристап и ќе се разговара за решението со две држави.
„Мислам дека треба да престанеме да зборуваме за 'мировниот' процес и да почнеме поконкретно да зборуваме за процесот на 'решение со две држави'“, рече европскиот претставник.