ВАШИНГТОН (АА) - Мухамед Билал Кенасари
Џон Болтон, поранешниот амбасадор на САД во ОН, кој се очекува на 9 април да ја преземе функцијата советник за национална безбедност на претседателот на САД, Доналд Трамп, го привлекува вниманието врз себе со провоениот став и со антимуслиманските изјави, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако минатата недела, Трамп преку својот профил на Твитер соопшти дека го разрешил министерот за надворешни работи на САД, Рекс Тилерсон, оваа недела, тој продолжи со своите навики и преку Твитер објави дека на местото на советникот за национална безбедност, Херберт Рејмонд Мекмастер, го назначил Џон Болтон, поранешниот постојан претставник на САД во ОН во времето кога претседател на САД беше Џорџ В. Буш.
Болтон, кој доаѓа на една од највисоките функции во кабинетот на Трамп, познат е по своите провоени повици во САД и по исламофобичните изјави.
„Добро е што го окупиравме Ирак и го симнавме Садам од власт“
Болтон, нарекуван за „сокол“ меѓу провоено-ориентираните политичари во САД, пред Претседателските избори во 2016 година, ја бранеше окупацијата на Ирак, извршена за време на претседателот Буш.
Во весникот „Вашингтон Ексаминер“ (Washington Examiner), познат по својата републиканска линија, Болтон даде интервју во кое истакнува дека одлуката за Ирак била „правилна“, дека дури и САД по окупацијата воопшто и не требало да се повлечат од Ирак.
Во интервјуто, Болтон ја користи изјавата: „Добро е што го окупиравме Ирак и го симнавме Садам од власт. Тоа беа исправни одлуки, но одлуката за повлекување во 2011 година беше лоша идеја.“
„Доколку сакаш да ја запреш иранската бомба, бомбардирај го Иран“
Болтон ја поддржува политиката на Трамп за Иран и е еден од најистакнатите кои се противат на Нуклеарниот договор, донесен помеѓу САД и Иран во периодот кога претседател на САД беше Обама.
Но на Болтон не му е доволно само излегување на САД од Договорот. Тој смета дека за запирање на Иран потребно е „бомбардирање на Иран“.
Во врска со прашањето за Иран, Болтон објави текстови во весниците како што се „Њујорк Тајмс“ (New York Times), „Лос Анџелес Тајмс“ (Los Angeles Times) и „Гардијан“ (Guardian), во кои наведува дека е потребно „што поскоро запирање на Иран“.
Наспроти Нуклеарниот договор постигнат со Иран, Болтон во 2015 година во весникот „Њујорк Такмс“ (New York Times), објави текст под наслов „Доколку сакаш да ја запреш иранската бомба, бомбардирај го Иран“.
„Не сме приморани да ги земеме сириските бегалци во нашата земја“
Може да се забележи дека изјавите на Болтон за различни прашања, значително се совпаѓаат со говорите на Трамп во предизборната кампања.
Постои тврдење дека Трамп сакал Болтон да го именува за министер за надворешни работи на САД, но знаејќи дека тоа нема да добие одобрување од Конгресот, се премислил.
И изјавите на Болтон за бегалците се совпаѓаат со оние на Трамп. Болтон, во 2015 година, како гостин на телевизискиот канал „Фокс Њуз“ (Fox News), кој е познат по својата блискост со Републиканците, рече дека САД не треба да ги примат бегалците од Сирија.
Наспроти изјавата на советникот за национална безбедност на Обама, Бен Родес, дека: „Откако сириските бегалци ќе минат одредени тестови, можеме да ги примиме во земјата“, Болтон имаше изјавено: „Не сме приморани бегалците да ги примиме во нашата земја. САД треба во потполност да го забранат влезот на сириските бегалци во земјата.“
Болтон има цврсти врски со антимуслиманските групи
Покрај тоа што Болтон е познат по својот провоен став, тој се истакнува и по својата врска со антимуслиманските групи и по говорите на исламофобија.
Познато е дека Памела Гелер, која поранешниот претседател Обама го окарактеризира како „дете на љубовта“ на Малколм Х, еден од најважните претставници на муслиманската заедница во САД, е една од најблиските личности на Болтон.
Гелер, која е авторка на книгите „Запрете ја исламизацијата на САД“ и „Фетва“, во 2010 година му отстапи простор на Болтон во предговорот на својата книга „Постамериканско претседателство: Војна на администрацијата на Обама против Америка“.
Кон крајот на 2016 година, Болтон во Лос Анџелес учествуваше на конференцијата „Исламот и западната цивилизација: Можат ли да бидат заедно?“, на која зборуваше дека исламот претставува заканувачки елемент за западната цивилизација. На истата конференција, Болтон тврдел дека муслиманите во САД тајно се организираат и дека дури и Обама е „муслиман“.
Кој е Болтон?
Болтон е роден во 1948 година во сојузната држава Мериленд, а студирал на Униврзитетот „Јејл“. Извршувал различни должности во министерствата за правда и надворешни работи на САД, а во периодот 2005 - 2006, беше постојан претставник на САД во ОН.
Болтон е висок советник во Американскиот институт за претприемништво, една од значајните тинк-тенк организации на републиканците во земјата, а истовремено е и коментатор во конзервативниот телевизиски канал „Фокс Њуз“ (Fox News).
Тој во јавноста е познат по своите „соколови“ гледишта, и го привлекува вниманието врз себе по препораките за воени интервенции и промена на режимот во Либија, Северна Кореја, Иран и Сирија.
На 9 април ќе влезе во Белата куќа како еден од најзначајните советници на Трамп. Со нетрпение се очекува каков политички став и гледиште на САД и на Белата куќа ќе им донесе Болтон, кој доаѓа на функцијата што претходно ја извршуваа Флин и Мекмастер.
news_share_descriptionsubscription_contact
