Büşra Nur Bilgiç
23 Ноември 2019•Ажурирај: 24 Ноември 2019
ЛА ПАЗ (АА) - Привремената Влада на Боливија го обвини поранешниот претседател, Ево Моралес, за предизвикување раздор во земјата, јавуваат локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Самопрогласената привремена претседателка, Жанин Анез, сподели видеоснимка во која вели дека Моралес оркестрирал со протестите во Боливија, откако заминал во егзил во Мексико. Тоа го поткрепи со наводна снимка на телефонски разговор на Моралес со домородните водачи и рече дека поранешниот претседател сака да го блокира транспортот на гориво и храна во различни делови на земјата.
Новиот министер за внатрешни работи, Артуро Мурило, рече дека по појавата на аудиоснимката, побарал од судските органи да отворат истрага против Моралес.
Иако во Мексико, Моралес се спротивстави на наводите, велејќи дека снимката е монтажа и дека обвинителите треба да ја истражат смртта на над 30 демонстранти, што се убиени откако бил принуден да ја напушти земјата.
Превирањата во Боливија започнаа во октомври, кога домородниот лидер го освои својот четврти претседателски мандат и се соочи со отпорот од опозициските партии кои ги оспорија изборните резултати. Демонстрантите излегоа на улиците тврдејќи дека гласачките ливчиња се фалсификувани.
По повеќедневните превирања, Моралес под притисок на Војската поднесе оставка и замина во Мексико, каде што му беше понуден политички азил. Конзервативката Анез, која во тоа време беше сенаторка, се прогласи за привремена претседателка.
Меѓутоа, уследи нов бран демонстрации, овој пат на симпатизерите на Моралес, кои излегоа на улиците во многу боливиски градови, вклучувајќи го и главниот град Ла Паз. Поддржувачите на Моралес инсистираат на тоа дека соборувањето на избраниот сега поранешен претседател претставува државен удар.