Adam Abu Bashal
17 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
АБУЏА (АА) – Од Нигерија, една од земјите со најголема сиромаштија во Африка, префрлени се 400 милијарди долари во таканаречените „даночни рајови“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На „8. Конференција на државите членки на Конвенцијата за борба против корупцијата на Обединетите нации“, што се одржа во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати, се разговараше за прашањето за затајување данок.
Нигерискиот министер за правда, Абубакар Малам, во своето обраќање на конференцијата истакна дека богатите од Нигерија префрлиле повеќе од 400 милијарди долари во таканаречените „даночни рајови“.
Истакнувајќи дека мултинационалните корпорации, вклучувајќи ги корумпираните лидери и странски соучесници ги украле фондовите на земјата, Малам рече дека Владата презела ригорозни мерки за да се спречи тоа.
Мухамед Бухари, кој стана претседател на Нигерија во 2015 година, започна сеопфатна борба против корупцијата.
И покрај тоа што во земјата се остваруваат големи приходи од богатството со природни резерви како што се нафтата и природниот гас, неправдата при распределбата на приходите и корупцијата се покажува како главна причина за проблемите во Нигерија.