Ekip
07 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
ДОХА
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денес му се заблагодари на Катар за неговата улога во евакуацијата на илјадници Американци и Авганистанци од Авганистан по талибанското преземање на контролата врз земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција во Доха, Блинкен изрази благодарност за улогата на Катар во спасувањето илјадници животи во Авганистан, додавајќи дека евакуациите нема да бидат успешни без поддршката на Катар.
Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин пристигнаа вчера во Доха, каде што се состанаа со највисоките претставници на Катар, вклучувајќи го и емирот шеик Тамим бин Хамад ал-Тани, за да разговараат за ситуацијата во Авганистан.
„Ја изразив нашата благодарност за извонредната поддршка на Катар за безбеден транзит на стотици американски државјани и десетици илјади Авганистанци и други евакуирани лица од Авганистан“, напиша Блинкен на Твитер.
Главниот американски дипломат, исто така, рече дека Вашингтон успеал да евакуира 6.000 Американци од аеродромот во Кабул, истакнувајќи дека 100 Американци сè уште не одлучиле да го напуштат Авганистан.
Блинкен рече дека талибанците им рекле на САД дека „ќе им дозволат на луѓето со патни исправи слободно да заминат“ од Авганистан.
Тој, исто така, нагласи дека САД тесно соработуваат со Катар и Турција за прашањето за продолжување на цивилните летови до аеродромот во Кабул.
Министерот за надворешни работи на Катар, Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, од своја страна рече дека Доха евакуирала 58.000 луѓе од Авганистан.
Тој рече дека доколку Катар се согласи со талибанците за безбедносните мерки на аеродромот во Кабул, тој наскоро ќе профункционира.
„Поправивме многу елементи што се таму и наскоро ќе започнеме со работа“, додаде тој.
Катарскиот министер, исто така, ги повика ОН и другите меѓународни организации да продолжат да пружаат помош за Авганистан.