Hamdi Yıldız
28 Април 2021•Ажурирај: 29 Април 2021
РИЈАД (АА) - Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, изјави дека саудиските власти сакаат да изградат добри и посебни односи со Иран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Иран е соседна држава и желба ни е да имаме посебни односи. Сакаме просперитет во Иран и да ги остваруваме заедничките интереси“, рече Бин Селман во интервју за саудиската државна телевизија.
За актуелните проблеми во односите меѓу Саудиска Арабија и Иран, Бин Селман директно го обвини официјален Техеран и неговите тенденции за развој на нуклеарна и балистичка програма, како и поддршката на милитантните групи во соседните држави.
„Со партнерите работиме на отстранување на тие проблеми. Нашата цел е да ги решаваме проблемите и да имаме добри односи со сите“, порача Бин Селман.
Коментирајќи ја ситуацијата во со војна разорениот Јемен, саудискиот принц Бин Селман рече дека властите на Саудиска Арабија не можат да го прифатат илегалното присуство и делувањето на проиранското бунтовничко движење на Хусите на јеменско-саудиската граница.
„Се надеваме дека и движењето на Хусите ќе седне на преговарачка маса и со сите релевантни страни ќе се обиде да дојде до решенија за проблемите кои ќе ги уважат и интересите на соседните држави“, рече Бин Селман.
На прашањето дали Соединетите Американски Држави (САД) ѝ го свртеле грбот на Саудиска Арабија, принцот Бин Селман рече дека официјален Ријад во 90 отсто од случаите се согласува со администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, но процентот на несогласувања повремено може да расте или да се намалува.
На прашањето дали САД вршат притисок врз Ријад, Бин Селман одговори дека Саудиска Арабија го одбива странското мешање во нејзините внатрешни работи.