Atila Altuntaş
27 Април 2023•Ажурирај: 28 Април 2023
СТОКХОЛМ (АА) – Шведскиот министер за надворешни работи, Тобијас Билстром, призна дека екстензивните активности на терористичката организација ПКК во Шведска се причината поради која Туркије ја спречува Шведска во приклучувањето во НАТО, пренесува Анадолу.
„Стокхолм има обврска да се справи со ова прашање и да ја задоволи Туркије“, рече Билстром во интервју за шведскиот дневен весник „Дагенс нихетер“.
ПКК има „екстензивни активности во Шведска за собирање пари и финансирање терористички активности насочени кон Туркије“, рече министерот.
Билстром додаде дека организацијата ја користи Шведска и како база за продажба на дрога и други активности кои исто така му штетат на шведското општество.
„Терористичкиот бизнис не е насочен кон шведската држава, туку кон друга држава, и тоа не го прави помалку сериозен“, рече Билстром, и додаде дека легислативата за терористичките организации што ќе стапи на сила на 1 јуни ќе ја смири загриженоста на Туркије.
Шведската Влада предложи измена на Законот за терористички дела за вклучување нов член според кој членството во терористичка организација ќе стане кривично дело.
И покрај тоа што предвидува до осум години затвор за поддршка на терористички организации, обезбедување оружје, муниција и логистичка поддршка, законот исто така им овозможува на властите пошироки овластувања за апсење и гонење на оние кои финансираат терористички организации.
Шведскиот Парламент треба да го ратификува Предлог-законот на 3 мај, што ќе стапи на сила на 1 јуни.
- Кандидатурата на Шведска за членство во НАТО -
Вознемирени од руската инвазија на Украина пред една година, Финска и Шведска ја напуштија својата повеќедецениска политика на неврзаност и во мај поднесоа барање за членство во сојузот.
Меѓутоа, Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, побара од двете нордиски земји да преземат конкретни мерки против терористичките организации, како што се ПКК и ФЕТО, со цел да му се придружат на сојузот.
Во јуни Финска и Шведска потпишаа Меморандум со Туркије за решавање на безбедносната загриженост на Анкара, а високите дипломати и официјални претставници од трите земји оттогаш одржаа различни состаноци за да разговараат за спроведувањето на трилатералниот договор.
Шведска во ноември минатата година усвои закон за антитероризам, надевајќи се дека Анкара ќе ја одобри кандидатурата на Стокхолм за придружување во НАТО. Новиот закон, што стапува во сила на 1 јуни, ќе им овозможи на властите казнено да ги гонат поединците што ги поддржуваат терористичките групи.
Турскиот Парламент на 31 март ја одобри кандидатурата на Финска за придружување во НАТО, што е показател на поддршката на Туркије за политиката на отворени врати на НАТО.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која е ставена на листата на терористички организации од Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.