Islam Uddin
02 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
АНКАРА (АА) ‒ Билансот на загинати во поплавите предизвикани од обилните врнежи во Австралија се искачи на 12 откако четворица луѓе загинаа во Нов Јужен Велс, соопштија денеска властите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Нов Јужен Велс се пријавени четири смртни случаи во последните три дена, а најновото тело беше најдено во областа Лизмор денеска за време на тековната операција, според државната полиција.
„Тело на маж на околу 70-годишна возраст беше пронајдено во поплавеното подрачје, тој допрва треба да биде идентификуван“, вели полицијата во соопштението.
Силните поплави во државите Нов Јужен Велс и Квинсленд оштетија илјадници имоти од минатата недела, кога водите поплавија неколку подрачја на градовите. Досега осум луѓе загинаа во Квинсленд и четворица во Нов Јужен Велс.
Денеска австралиското Биро за метеорологија издаде предупредување за големи поплави од реките Хоксбери и Непеан.
„Покачувањето на нивото веќе се случува долж реките Хоксбери и Непеан, со веројатни големи поплави. Врз основа на прогнозите за врнежи од дожд, големи поплави се очекуваат од реките Хоксбери и Непеан ноќта во среда кон четврток, кои ќе ги погодат Пенитрит, Северен Ричмонд и Винздор“, се вели во соопштението на австралиската Метеоролошка агенција.
Оттаму, исто така предупредија дека обилните врнежи од дожд може да предизвикаат големи поплави опасни за живот на брегот на Нов Јужен Велс.
Властите веќе издадоа наредба за евакуација и побараа од луѓето да ги преместат центрите за евакуација кои беа формирани од Владата во различни области.
Силните врнежи и поплави исто така влијаеја на енергетскиот систем во многу области и ги принудија властите да ги затворат училиштата во погодените области во Нов Јужен Велс, според државната служба за итни случаи.
Во меѓувреме, полицијата на Квинсленд соопшти дека уапсила четири лица за кражби во областите погодени од поплавите.
„Операцијата „Јуниформ Неш“ спроведува деноноќни патроли за да ги спречи крадците од ограбување на домови и деловни објекти, зафатени од поплавите“, соопшти полицијата.