Stipe Majic
21 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Поранешниот италијански премиер и еден од најстарите пратеници во Европскиот парламент (EP), Силвио Берлускони, порача дека на Европската Унија ѝ е потребна една единствена војска, оценувајќи го за неизбежен феноменот на масовни миграции од Африка, јавува Агенција Анадолија (AA).
На конгресот на Европската народна партија (EPP) во Загреб, за време на својот говор Силвио Берлускони истакна дека Европската Унија би требало да пружи поддршка на земјоделците и компаниите, да создаде заедничка политика кон миграциите и да се врати на плановите на основачите.
„Тие сакаа да има соединети европски држави, ако се сеќавате, Европа со една и единствена одбранбена политика“, изјави Берлускони, и додаде дека смета оти тоа е најголем предизвик пред кој се наоѓа ЕУ.
Тој порача дека е потребно да се обединат воените сили на сите држави членки на ЕУ, нагласувајќи дека Европа повторно би требало да биде глобална воена сила која може да седи на маса со Американците, Кинезите и Русите, на маса каде што се донесуваат одлуки.
Предупреди дека на ЕУ ѝ се потребни воени капацитети за да се одбрани од феноменот на масовни миграции и дека миграциите кои доаѓаат од Африка покажуваат дека тој феномен навистина ќе се случи.
„И поради тоа мораме да бидеме моќна воена сила за да можеме да ги одвратиме брановите на мигрантите од африканските земји“, смета Берлускони.