Hakan Çopur
06 Февруари 2021•Ажурирај: 07 Февруари 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролката на Белата куќа, Џенифер Псаки, за време на дневниот брифинг одговори на прашањето од новинарите за пристапот на администрацијата на Џо Бајден кон убиството на новинарот Џамал Кашоги, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нагласувајќи дека убиството во Кашоги е застрашувачко злосторство, Псаки изјави: „Ние се подготвуваме да го претставиме релевантниот извештај декласифициран со целосна транспарентност до Конгресот. Тоа е закон, а ние го следиме законот.”
Во исто време, Псаки упати повик до Саудиска Арабија за човековите права, велејќи: „Од друга страна, се надеваме дека Саудиска Арабија ќе го подобри своето досие за човековите права, вклучувајќи ги тука и политичките затвореници“, и додаде дека многу е важно што претходниот ден администрацијата од Ријад ослободила двајца активисти.
Портпаролката на Белата куќа, исто така, рече дека администрацијата на Бајден ја ревидирала својата политика во Јемен и дека во овој контекст, одново ги разгледуваат нивните односи со Саудиска Арабија.
Предлог-законот за овластување за национална одбрана, што беше усвоен од Конгресот на САД во декември, предвидува во период од 30 дена по донесувањето на законот, Директоратот на националното разузнавање да достави сеопфатен и јавен извештај за убиството на Кашоги до Претставничкиот дом и сенатите за надворешни односи и комитетите за разузнавање.
Администрацијата на Бајден објави дека предметниот извештај ќе биде доставен до Конгресот што е можно побрзо и дека ќе биде објавен пред јавноста.
Новинарот Џамал Кашоги, колумнист во весникот „Вашингтон пост“, беше познат по своите критики кон престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман. Тој на 2 октомври 2018 година го посети Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул и не излезе оттаму. Се покажа дека Кашоги бил убиен во Конзулатот, а неговото тело било исечено на парчиња.