Servet Günerigök
08 Ноември 2018•Ажурирај: 08 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Белата куќа на неодредено време ја укина новинарската акредитација на новинарот Џим Акоста, известувачот на „Си-ен-ен“ (CNN), по вербалниот дуел со американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференцијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Со реакција се огласи Здружението на дописници на Белата куќа кое повика на промена на одлуката за забрана на Акоста.
Од Здружението нагласуваат дека акредитацијата издадена од Владата е искористена како средство за казнување на новинарот. Од матичната куќа на Акоста кажаа дека потегот на Белата куќа е „одмазда“ за предизвикувачките прашања кои ги постави претставникот.
Секретарката за односи со медиумите на Трамп, Сара Хакаби Сандерс, го обвини Акоста дека ги ставил рацете на стажантка од Белата куќа кога се обидела да му го земе микрофонот додека говорел. Акоста и „Си-ен-ен“, пак, тврдат дека тоа не е вистина.
Трамп и новинарот на „Си-ен-ен“ влегоа во вербален дуел кога Акоста постави прашање поврзано за мигрантскиот караван кој се движи кон јужната граница на Соединетите Американски Држави (САД).