свет

Трамп: Договорот за „ТикТок“ може да биде финализиран за време на средбата со Ѓинпинг

- „Можеби. Тоа ќе биде едно од нештата за кои ќе дискутираме“, изјави Трамп за новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ додека патуваше од Малезија до Јапонија како дел од неговата турнеја низ Азија.

Muhammed Yasin Güngör  | 27.10.2025 - Обновена : 27.10.2025
 Трамп: Договорот за „ТикТок“ може да биде финализиран за време на средбата со Ѓинпинг

ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека договорот меѓу САД и Кина за сопственоста на „ТикТок“ може да биде финализиран за време на неговата средба со кинескиот претседател Си Ѓинпинг подоцна во текот на оваа недела, јавува Анадолу.

„Можеби. Тоа ќе биде едно од нештата за кои ќе дискутираме“, изјави Трамп за новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ додека патуваше од Малезија до Јапонија како дел од неговата турнеја низ Азија. Тој беше прашан дали планира да го потпише конечниот договор.

Трамп рече дека добил „првично одобрение од претседателот Си“ и очекува дополнително одобрение, но претпочита да „почека неколку дена“.

„Ќе имаме одличен разговор и одлична трансакција за двете земји“, додаде американскиот претседател.

Американскиот секретар за финансии Скот Бесент вчера изјави дека договорот за „TикТок“ е постигнат во разговорите со Кина и дека ќе остане двајцата лидери „да ја финализираат зделката во четврток во Јужна Кореја“.

Трамп и Си ќе се сретнат во четврток на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја. Двајцата лидери се очекува да разговараат за царините, трговијата, фентанилот, американските земјоделски производи и ретките метали.

Во септември Трамп потпиша извршна наредба со која му се дозволува на „ТикТок“ да продолжи да работи во САД под нова корпоративна структура со американски инвеститори, иако не се обелоденети конкретните детали.

Забраната на апликацијата во САД требаше да стапи на сила на 20 јануари, но Трамп ја продолжи четирипати додека неговата администрација работеше на постигнување договор за пренос на сопственоста.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.