Muhammed Enes Çallı
14 Февруари 2025•Ажурирај: 17 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Група од 14 американски држави денес поднесоа тужба против Илон Маск и претседателот на САД, Доналд Трамп, тврдејќи дека овластувањата доделени на технолошкиот милијардер и неговиот Оддел за владина ефикасност (DOGE) се неуставни, објави „The Hill“, јавува Анадолу.
Коалицијата на држави, предводена од Ново Мексико, тврди дека широката улога на Маск како раководител на Одделот за владина ефикасност (DOGE) ја прекршува Клаузулата за именувања во Уставот на САД, бидејќи не бил потврден од Сенатот.
„Се чини дека г. Маск има неограничена и неконтролирана моќ да ги намали вработените во Владата и да укине цели оддели со еден потег со пенкало или клик на маусот, што би било шокантно за оние кои ја освоија независноста на оваа земја“, се вели во тужбата.
„Не постои друга канцеларија во САД, освен претседателот, која го поседува целиот извршен авторитет, а широките овластувања што сега му се доделени на еден неизбран и непотврден поединец се спротивни на целокупната уставна структура на нацијата“, се додава во документот.
Државите, меѓу кои Аризона, Мичиген, Калифорнија, Конектикат, Хаваи, Мериленд, Масачусетс, Минесота, Невада, Орегон, Роуд Ајленд, Вермонт, Вашингтон и Ново Мексико, бараат од судот да му забрани на Маск и неговиот тим во Одделот за владина ефикасност (DOGE) да преземаат различни активности.
Тие сакаат да спречат извршниот директор на Тесла и неговите соработници да прават промени во распределбата на јавните фондови, владините договори, регулативите или персоналот, како и да имаат пристап или да вршат измени во системите.