Gizem Nisa Çebi
14 Февруари 2025•Ажурирај: 16 Февруари 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Белата куќа трет ден по ред не дозволува присуство на новинарите на Асошиејтед прес (АП) на официјалните настани, откако новинската агенција одби да го користи терминот „Американски Залив“ наместо „Мексикански Залив“, како што беше наложено со извршна наредба од американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Анадолу.
Новинарите на АП денес беа спречени да присуствуваат на два настани во Овалната соба, вклучувајќи ја и церемонијата за заклетва на новиот секретар за здравство и човечки услуги, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, како и заедничката прес-конференција на Трамп со индискиот премиер Нарендра Моди, потврди портпаролот на АП за „Вашингтон пост“.
Извршната уредничка на АП, Џули Пејс, во изјава го нарече ова „длабоко загрижувачка ескалација на обидите на администрацијата да ја казни Асошиејтед прес за нејзините одлуки“, се вели во соопштението.
„Ова е веќе трет ден како репортерите на АП се спречени да известуваат од Белата куќа, што претставува неверојатна неправда кон милијардите луѓе кои се потпираат на АП за непристрасни вести“, изјави Пејс.
Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Левит, вчера ја бранеше одлуката, наведувајќи дека администрацијата „го задржува правото да одлучува кој ќе добие пристап до Овалната соба“.
„Факт е дека водите крај брегот на Луизијана се нарекуваат Американски Залив, и не знам зошто медиумите не сакаат да го прифатат тоа, но тоа е реалноста“, рече Левит.
Таа додаде дека компаниите како Гугл и Епл веќе ги ажурирале своите мапи во согласност со претседателските насоки за корисниците во САД.
АП упати жалба до шефицата на Кабинетот, Сузи Вајлс, барајќи укинување на забраната, но досега нема добиено одговор.
Организациите за слобода на печатот го осудија овој потег како кршење на Првиот амандман.
Водителот на „Си-ен-ен“, Џејк Тапер, вчера предупреди на „застрашувачки ефект“ врз печатот:
„Не се работи само за тоа како АП ќе го нарече Заливот. Се работи за тоа дали претседателот смее да казнува новинари поради тоа што не го следат неговиот наратив.“
„Њујорк тајмс“ исто така изрази поддршка за АП:
„Стоиме на страната на Асошиејтед прес во противење на владината одмазда за одлуките на уредништвото.“
И покрај рестрикциите, фотографите на АП продолжуваат да ги покриваат настаните во Белата куќа.
Експертите за новинарство велат дека ситуацијата претставува тест на издржливост меѓу администрацијата и една од најголемите светски новински организации.
„Тешко е да се предвиди кој прв ќе попушти“, изјави Марк Фелдштајн, професор по новинарство на Универзитетот во Мериленд, за „Вашингтон пост“.
„Но, добро е што АП останува доследна“, вели тој.
По стапувањето на должност на 20 јануари, Трамп нареди преименување на водите кои граничат со јужната територија на САД, Мексико и Куба.
Американскиот Географски информациски систем во неделата официјално го смени називот во „Американски Залив“.