Michael Gabriel Hernandez
05 Декември 2025•Ажурирај: 06 Декември 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Шефицата на протоколот на американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека Трамп е во преговори со ФИФА за преместување на натпреварите од Светското првенство во фудбал од градовите предводени од демократите, известува Анадолу.
„Претседателот Трамп е многу загрижен за некои од овие сини градови со високи стапки на криминал, тој разговара со ФИФА“, изјави шефицата на протоколот Моника Кроули за време на интервјуто за телевизиската мрежа Фокс бизнис. Демократите се поврзуваат со сината боја.
„Не се донесени одлуки, но тој сака да се осигури дека сите странски посетители, како и американските навивачи, се добро заштитени додека одат да уживаат во овие спортски настани од светска класа во Америка“, додаде таа.
Кроули не прецизираше на кои градови мисли претседателот во разговорите со фудбалската федерација, но Трамп постојано тврди дека градовите предводени од демократите се жаришта на криминал, без оглед на тоа што покажуваат официјалните податоци за криминалот.
Претседателот Трамп постојано ги користи обвинувањата за да го оправда распоредувањето на војската на улиците во САД. Овие распоредувања постојано се соочуваат со неуспеси по правните оспорувања од државните и локалните лидери.
Речиси сите градови во САД што се домаќини на натпревари од Светското првенство во голема мера се контролирани од демократите, со исклучок на Далас и Мајами. Сите девет други области домаќини - Атланта, Бостон, Хјустон, Канзас Сити, Лос Анџелес, Њу Џерси, Филаделфија, Сиетл и областа на заливот Сан Франциско - се водени од демократи.
Натпревари ќе се играат и во Канада и Мексико.
Кроули соопшти дека над два милиона билети веќе се продадени.