Dildar Baykan
13 Април 2021•Ажурирај: 14 Април 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Џо Бајден упати честитка до муслиманите по повод почетокот на месецот Рамазан. Тој изјави дека муслиманите дале голем придонес за Америка и порача дека ќе продолжи да ги штити правата на сите муслимански заедници во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден упати писмена порака по повод Рамазан, муслиманскиот месец на постот.
„Мојата сопруга Џил и јас упатуваме искрени честитки и желби до муслиманските заедници во САД и низ светот. Среќен Рамазан“, пишува во пораката на Бајден.
Истакнувајќи дека оваа година е многу тешка поради пандемијата и дека луѓето не се во состојба да се соберат на заеднички ифтари за да го одбележат овој месец, Бајден порача дека муслиманите со нова надеж влегуваат во месецот Рамазан.
Нагласувајќи дека муслиманите во САД дале голем придонес и ја обогатиле земјата од нејзиното основање до денешните денови, Бајден изјави: „Муслимани ја водеа нашата борба против Ковид-19, играјќи водечка улога во развојот на вакцината и како здравствени работници во првите редови на борбата.“
Тој потсети исто така дека муслиманите денес и понатаму се цел на злоупотребување, фанатизам и злосторство од омраза.
„Ваквите предрасуди и напади се погрешни. Тие не се прифатливи и треба да престанат. Никој во Америка не би смеел да ја живее својата вера во страв“, наведе Бајден.
Тој истакна дека е горд што првиот ден од својот мандат ја запрел забраната за патување за некои муслимански земји.
„Ќе продолжам да ги штитам човековите права, вклучувајќи ги Ујгурите во Кина, араканските муслимани во Мјанмар, како и сите муслимански заедници низ светот“, наведе тој.
Бајден во пораката наведе дека пред муслиманите се денови исполнети со надеж и цитираше дел од Куранот, во кој се вели „Алах е извор на светлината на небото и Земјата!“.
На крајот порача дека поради околностите на пандемијата, овогодишната бајрамска свеченост во Белата куќа ќе биде организирана виртуелно, но додаде дека заедно со сопругата Џил со нетрпение ја очекуваат следната година кога традиционалната бајрамска прослава ќе биде организирана со собирање гости.