Nuri Aydın
22 Мај 2022•Ажурирај: 23 Мај 2022
ПЈОНГТЕК (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека вирусот на мајмунски сипаници, кој е откриен во САД и во Европа, „е нешто поради кое сите треба да бидеме загрижени“, известува Агенција Анадолија (АА).
Бајден во обраќањето пред новинарите во рамките на азиската турнеја предупреди на опасноста од вирусот на мајмунските сипаници.
„Загрижувачки е дека ќе остави последици доколку се проширува и понатаму“, рече Бајден.
Напомена дека сѐ уште не е известен за обемот на ширењето на вирусот.
Според Бајден, овој вирус е нешто поради што сите треба да бидат загрижени.
Американскиот претседател изјави дека започнале ефикасни студии за вакцина против вирусот.
Во рамките на азиската турнеја американскиот претседател Џо Бајден денес пристигна во Токио, главниот град на Јапонија. Бајден во Јапонија пристигна од Јужна Кореја каде што престојуваше изминатите денови.
Во Њујорк, САД, откриен е првиот случај на мајмунски сипаници. Во соопштението на Министерството за здравство на Њујорк се наведува дела вирусот на мајмунските сипаници е откриен кај едно лице во таа американска сојузна држава, додавајќи дека се прават обиди да се дојде до другите лица кои можеби биле во контакт со заразеното лице.
Светската здравствена организација (WHO) досега потврди 80 случаи на мајмунски сипаници, додека 50 случаи сè уште се истражуваат.
Мајмунските сипаници се сродни со големите сипаници кои се искоренети во 1979 година, помалку се преносливи и помалку смртоносни. Главна разлика меѓу симптомите на големите сипаници и мајмунските е во тоа што мајмунските сипаници предизвикуваат отоци на лимфните жлезди, а големите не.
Глодарите, вклучувајќи ги и оние што се држат како домашни миленичиња, и мајмуните, можат да го носат вирусот и да го пренесат на луѓе.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести соопшти дека симптомите на сипаниците почнуваат со грозница, главоболка, болки во мускулите и исцрпеност. По неколку дена, пациентите можат да развијат осип што минува низ различни фази. Болеста обично трае од две до четири недели.
Вирусот, кој обично се пренесува од животни на луѓе, а ретко од лице на лице, може да предизвика висока температура и пликови кои предизвикуваат чешање по телото.