Servet Günerigök
01 Јуни 2022•Ажурирај: 02 Јуни 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ќе ѝ испратат на Украина напредни ракетни системи за да се брани од Русија, изјави претседателот Џо Бајден, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во авторска статија (op-ed article) објавена во „Њујорк тајмс“ (New York Times), Бајден ги цитира забелешките на украинскиот претседател Владимир Зеленски дека војната „дефинитивно ќе заврши само преку дипломатија“, велејќи дека Вашингтон испратил вооружување за да го зајакне Киев на преговарачката маса.
„Затоа решив да обезбедиме за Украинците напредни ракетни системи и муниција што ќе им овозможат попрецизно да ги напаѓаат клучните цели на бојното поле во Украина“, напиша тој.
Напредното вооружување ќе вклучува противтенковски ракети „Џавелин“, противвоздушни проектили „Стингер“, моќна артилерија и прецизни ракетни системи, радари, беспилотни летала, хеликоптери „Ми-17“ и муниција“, истакна Бајден.
Додаде дека неговата администрација не бара војна помеѓу НАТО и Русија, ниту соборување на рускиот претседател Владимир Путин.
„Сѐ додека САД или нашите сојузници не бидат нападнати, ние нема да бидеме директно вклучени во конфликтот, ниту со испраќање на американски војници да се борат во Украина ниту со напад на руските сили“, рече тој. „Ние не ја охрабруваме Украина да нападне надвор од нејзините граници. Ние не сакаме да ја продолжиме војната само за да ѝ нанесеме болка на Русија.“
За загриженоста околу употребата на нуклеарното оружје, американскиот претседател уверува дека нема индикација за таква намера од страна на Русија.
„Да бидам јасен: каква било употреба на нуклеарно оружје во конфликтот од какви било размери ќе биде целосно неприфатлива за нас, како и за остатокот од светот, и ќе повлече тешки последици“, додаде тој.
Според проценките на ОН, најмалку 4.113 цивили загинале, а 4.916 се повредени во Украина од почетокот на војната на 24 февруари. Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Над 6,8 милиони луѓе пребегаа во други земји, додека повеќе од 7,7 милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.