Servet Günerigök
03 Јануари 2022•Ажурирај: 04 Јануари 2022
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Џо Бајден му даде до знаење на украинскиот претседател Владимир Зеленски дека Соединетите Американски Држави (САД) и нивните сојузници и партнери „одлучно ќе одговорат ако Русија дополнително ја нападне Украина“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џен Псаки, портпаролката на Белата куќа информираше дека американскиот претседател Бајден тоа го порачал по разговорот со Зеленски, неколку дена откако одржал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин за тензиите во Украина.
„САД и нејзините сојузници и партнери одлучно ќе одговорат ако Русија дополнително ја нападне Украина. Челниците изразија поддршка за дипломатските напори, започнувајќи со билатералниот американско-руски дијалог за стратешка стабилност од наредната недела, потоа преку Советот НАТО-Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа“, наведе Псаки.
Во соопштението се додава дека Бајден ја нагласил посветеноста на САД и нивните сојузници на принципот „ништо за вас, без вас“, повторно потврдувајќи ја посветеноста на неговата земја на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Бајден исто така изрази поддршка на мерките за градење на доверба за деескалација на тензиите во Донбас и активна дипломатија за подобрување на имплементацијата на договорот од Минск, како поддршка на форматот Нормандија“, се наведува во соопштението.
Русија неодамна испрати десетици илјади војници во близина на границата со Украина. Тој потег предизвика загриженост помеѓу сојузниците во НАТО, дека Москва би можела да планира уште една воена офанзива против својот поранешен советски сосед.