Michael Gabriel Hernandez
29 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден одби да го повлече коментарот дека рускиот претседател Владимир Путин „не може да остане на власт“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот претседател ги даде коментарите при четридневното патување во Европа додека Украина продолжува да се брани од руските напади. Коментарите на Бајден беа пресретнати со критики од некои кои рекоа дека Путин би можел да ги искористи како изговор за понатамошна ескалација.
Но, Бајден нагласи дека нема да ги повлече зборовите и дека коментарите не се показател за американската политика за промена на режимот во Русија, туку се личен одраз на морален гнев од војната на Путин врз Украина.
„Не се извинувам“, рече Бајден пред новинарите во Белата Куќа. „Она што ја комплицира ситуацијата во моментот се ескалирачките напори на Путин да продолжи со битката, однесување кое прави целиот свет да вели 'Боже, што прави овој човек?'“.
Русија ја започна војната против Украина на 24 февруари. Таа наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги санкции кон Москва.
Според Обединетите нации, досега во војната во Украина животот го загубиле најмалку 1.151 цивили, а 1.842 се повредени.
Над 3,87 милиони Украинци пребегаа во различни европски земји, а милиони се раселени во внатрешноста на земјата, според Агенцијата за бегалци на ОН.