Kasım İleri
29 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Во буџетот за 2023 година на копнените сили на Соединетите Американски Држави (САД) доделени се 542 милиони долари за Фондот за обука-опремување за групите во Сирија, вклучително и ЈПГ/ПКК, која го користи називот СДГ, и за Ирачката армија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот претседател Џо Бајден пред Конгресот го претстави буџетот за фискалната 2023 година, а во рамките на овој буџет побарани се 813 милијарди долари за трошоци за одбраната.
Според информациите до кои дојде Агенција Анадолија во документите во врска со буџетското барање на Пентагон внимание привлекува Фондот за обука-опремување за групи во Сирија и Ирак, во рамките на странските операции во буџетот на копнените сили.
Пентагон исто така во буџетот секоја година го додаваше Фондот за можни прекуокеански операции, познат и како воен фонд, како посебна ставка.
Но, во последните две години, овој фонд е додаден на основните трошоци на Министерството за одбрана.
Во рамките на овој фонд, во буџетот на Командата на копнените сили е додаден и Фондот за обука-опремување кој се дава на Ирачката армија и групите во Сирија против ДЕАШ.
Во барањето за буџетот на копнените сили се наведува дека за основните расходи се издвоени 163 милијарди долари, а за надворешни операции се издвоени 15 милијарди долари.
Посочено е дека 14,64 милијарди долари од 15-те милијарди за кои станува збор се наменети за расходите на американската војска, вклучувајќи плати за воениот персонал, операции, одржување и истражување.
Во истиот документ е наведено дека побарани се 542 милиони долари за Фондот за обука-опремување за борба против ДАЕШ во Ирак и Сирија.
Во документот не е прецизирано колкав дел од оваа сума ќе ѝ биде доделен на Ирачката армија, а колку за групите во Сирија, вклучително и терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Американската администрација одвои 500 милиони долари за овој фонд во фискалната 2022 година, од кои 177 милиони долари беа обезбедени како поддршка на групите во Сирија, вклучително и на терористичката организација ЈПГ/ПКК.