Servet Günerigök
20 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден денес ќе одржи состанок со Советот за национална безбедност во врска со ситуацијата во Украина, соопшти Белата куќа.
Портпаролката Џен Псаки рече дека Бајден редовно се информира за настаните на теренот од неговиот тим за национална безбедност.
Американскиот претседател, исто така, е известуван во врска со разговорите на потпретседателката Камала Харис за време на Минхенската безбедносна конференција.
Таа се сретна со украинскиот претседател, Владимир Зеленски, со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и со лидерите на Германија, Грција и лидерите на балтичките држави.
Тензиите драматично се зголемија во источна Украина оваа недела, со зголемен број прекршувања на примирјето, повеќекратни инциденти со гранатирање и евакуација на цивилите од проруските сепаратистички региони Доњецк и Луганск.
Москва, според украинските власти, неодамна собрала повеќе од 100.000 војници во близина на украинските граници, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира воена офанзива против својот сосед.
Москва континуирано негира каков било план за напад на Украина и ги обвини западните земји за поткопување на безбедноста на Русија со проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Русија упати и листа на безбедносни барања до Западот, меѓу кои враќање на распоредените војници од некои поранешни советски републики и гаранции дека Украина и Грузија нема да се приклучат на НАТО.