Zuhal Demirci
20 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека доказите покажуваат дека Русија ја планира „најголемата војна во Европа од 1945 година“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Јасно е дека постојат сите знаци дека во некои аспекти, планот е веќе започнат“, предупреди Џонсон за „Би-би-си“.
Тој истакна дека разузнавачките податоци покажуваат дека Русија има намера да започне инвазија со која ќе го опколи Киев, главниот украински град.
Џонсон, исто така, кажа дека американскиот претседател Џо Бајден им рекол на западните лидери дека според разузнавачките податоци, руските сили планираат да влезат во Украина не само од исток, преку Донбас, туку и од подрачјето околу Белорусија за да го опколат украинскиот главен град Киев.
„Се плашам дека планот што го гледаме е нешто што би можело да биде најголемата војна во Европа од 1945 година“, рече Џонсон.
Додаде дека луѓето треба да ги имаат предвид и потенцијалните загуби не само на Украинците, туку и на младите Руси.