Ayhan Şimşek
20 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
БЕРЛИН (АА) - Групата на најголемите светски економски сили во светот, Г7, ја повика Русија да ги повлече војниците од украинските граници и да бара дипломатско решение за кризата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министрите за надворешни работи на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД во заедничка изјава по состанокот во Минхен соопштија дека Русија мора да ја деескалира ситуацијата и да ги исполни своите обврски.
„Како прв чекор, очекуваме Русија да го спроведе најавеното намалување на своите воени активности покрај украинската граница. Не видовме никакви докази за тоа намалување“, рекоа министрите.
Министрите за надворешни работи на Г7 истакнаа дека претпочитаат дипломатско решение, но и нагласија дека се подготвени да воведат остри санкции кон Русија доколку таа го наруши територијалниот интегритет на Украина.
„Иако сме подготвени да бараме дипломатски решенија за решавање на легитимните безбедносни грижи, Русија не треба да се сомнева дека секоја понатамошна воена агресија врз Украина ќе има огромни последици, вклучително и финансиски и економски санкции за широка лепеза на сектори и поединечни цели кои би наметнале тешки и невидени трошоци за руската економија“, се наведува во соопштението.