Ekipa
21 Јануари 2022•Ажурирај: 24 Јануари 2022
КАМПАЛА (АА) - Претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, го повика Советот за безбедност на ОН да се донесат реформи кои на Африка ќе ѝ овозможат постојана застапеност во него, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанок во главниот град Кампала на кој присуствуваа официјални претставници на 10 земји членки на Африканската унија, Мусевени рече дека 1,3 милијарди луѓе на африканскиот континент заслужуваат застапеност во Советот за безбедност.
„Советот за безбедност на ОН требаше и мора да се реформира. Ова не е услуга од никого, туку право на сите народи што ја населуваат планетата Земја“, рече тој.
„Го бараме нашето право за постојана застапеност во Советот за безбедност на ОН. Африканците и милијарди Азијци не можат да бидат држени надвор од Советот за безбедност на ОН од пет земји членки кои сега го монополизираат,“ додаде Мусевени.
Тој се осврна на сегашниот систем како неправеден, велејќи дека Африка мора да има постојано место во Советот за безбедност за да се осигура дека нема да се користи негативно против Африка.
Петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН се САД, Кина, Русија, Франција и Велика Британија. Другите 10 места на Советот ротираат меѓу непостојаните членки кои имаат двогодишен мандат.