Ekipa
30 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
АСТАНА (АА) - Селен Темизер/Мухамед Шејх Јусуф - Претставниците на вооружените бунтовнички групи во текот на седмата рунда од сириските мировни преговори во казахстанскиот главен град Астана, изнесоа докази за кршење на човековите права од страна на режимот на Асад, на терористичката организација ПКК/ПЈД и странските терористички групи лојални на Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата на вооружените бунтовнички групи на делегацијата на Обединетите нации (ОН) ѝ достави обемна документација за кршење на човековите права која се состои од пишани документи, како и визуелни и аудио записи.
Во документот насловен „Демографски промени“ изнесени се докази за тоа како режимот на Асад и терористичката организација ПКК/ПЈД, дејствувајќи заедно, ги принудувале цивилите да ги напуштат своите домови, а потоа го запленувале нивниот имот.
Во вториот документ се наведува дека терористичката организација ДЕАШ без оружени судири на сирискиот режим му го предала регионот Ал-Карјатајн во Хомс. Се додава дека режимот спроведувал пропаганда дека споменатото подрачје го зазеле по судирите со милитантите на ДЕАШ. Во истиот документ се нагласува дека режимот усмртил 82 цивили кои не прифатиле договор со силите на режимот.
Во еден од документите се наведува дека управникот на режимскиот затвор во Хомс на претставниците на Црвениот крст, наместо затворениците им ги покажал полицајците, тврдејќи дека условите во затворите се на задоволително ниво. Во истиот документ се наведува дека затворениците потоа започнале штрајк со глад, а стражарите ги измачувале за да го прекинат штрајкот.
Во казахстанскиот главен град Астана денес заврши првиот ден од седмиот круг на сириските мировни преговори.
Дводневната рунда преговори во Астана се води на иницијатива на Турција, Русија и Иран, а учествуваат делегации на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, на вооружените бунтовнички групи, како и делегации на ОН, САД и Јордан.
Главна тема на седмата рунда преговори би требало да биде ослободувањетo на заробениците од сириските затвори. Опозицијата на руската посредувачка делегација на почетокот од месецот ѝ доставила список со над 12.000 затвореници во Хомс.