Ali H. M.Abo Rezeg
15 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
КАИРО (АА) - Арапската лига предупреди на интензивирањето на изградбата на израелски населби во окупираниот Западен Брег, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот објавен доцна, Лигата, чие седиште е во Каиро, вели дека изградбата на израелските населби се одвива „со забрзано темпо, паралелно со прифаќањето и охрабрувањето од страна на САД и отсуството на меѓународна одговорност“.
Обвинувајќи ги израелските власти за кршење на меѓународното право, Арапската лига истакнува дека израелското делување во окупираните територии се изедначува со воени злосторства, нагласувајќи ги уништувањето на домовите и раселувањето на палестинските жители и конфискувњето на нивното земјиште.
Според извештајот, израелските инвестиции во Источен Ерусалим достигнуваат 1,24 милијарда долари, 87 отсто од нив се наменети за еврејските населби, а само 13 отсто за палестинските.
„Израел плански распределува земјиште за Евреите, како дел од политиката која може да се опише само како апертхејд“, се наведува во извештајот.
Вчера, израелските власти одобрија план за проширување на еврејска населба во градот Хеброн, на Западниот Брег.
Градењето израелски населби на окупираните територии е една од најголемите пречки за продолжување на мировните преговори со Палестинците, кои со години се блокирани.
Според палестинските податоци, над 700.000 еврејски доселеници сега живеат во 196 населени места (изградени со одобрение од израелската Влада) и над 200 доселеници живеат во домови (изградени без одобрение на властите) низ окупираниот Западен Брег.
Според меѓународното право, Западниот Брег и Источниот Ерусалим се сметаат за окупирани територии, а сите активности за изградба на населби за еврејските доселеници на тоа земјиште се сметаат за нелегални.