İbrahim Khazen,Safiye Karabacak
07 Март 2024•Ажурирај: 08 Март 2024
КАИРО (АА) - Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, изјави дека жителите на Појасот Газа се изложени на геноцид и дека е вистински срам за целото човештво да остане рамнодушно на таквото страдање, пренесува Анадолу.
Како што пренесува „Каиро ал-Ихбарије“, Геит се обрати на состанокот на министрите за надворешни работи на Арапската лига што се одржа во Каиро, главниот град на Египет.
„Тоа што се случува во Газа може да се опише како срам за целото човештво што е рамнодушно додека Палестинците умираат од глад, бомбардирања и снајперски куршуми“, рече Геит.
Тој предупреди дека луѓето од Појасот Газа се изложени на брутална геноцидна војна и депортација од регионот.
„Израел користи изгладнување и го одложува влегувањето на помошта за Палестинците во Газа за да ги натера овие луѓе да попуштат“, рече Геит.
Тој истакна дека единствен начин да се запре тоа што се случува во Газа е „да се ограничи израелската воена машинерија и да се спроведат меѓународните закони за човекови права“.
Геит нагласи дека депортацијата на Палестинците од нивната територија е целосно неприфатлива.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските напади врз Појасот Газа и понатаму продолжуваат со ненамален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.