Mohammad Sıo
07 Март 2024•Ажурирај: 08 Март 2024
КУДС (АА) - Израелската армија денес потврди дека 69 воени команданти се убиени од избувнувањето на конфликтот во Газа минатиот октомври, пренесува Анадолу.
Меѓу загинатите имало четворица полковници, шестмина потполковници, 39 команданти на баталјони, 13 команданти на чети и седум други офицери, објави радиото на израелската армија.
Податоците на израелската војска покажаа дека најмалку 587 војници се убиени во Газа од 7 октомври, вклучително и 247 откако Тел Авив ги прошири своите копнени операции во енклавата на 27 октомври 2023 година.
Израел спроведе смртоносна воена офанзива, веќе 153. дена, врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Оттогаш се убиени повеќе од 30.700 Палестинци, а над 72.000 се повредени во израелските напади.
Израел, исто така, воведе блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да се гарантира влез на хуманитарната помош за цивилите во Газа.