Ikrame Imane Kouachi
11 Февруари 2024•Ажурирај: 14 Февруари 2024
Неодамнешното истражување на јавното мислење покажа дека 42 отсто од израелските студенти на универзитети кои служат како резервисти во армијата, размислуваат да ги напуштат студиите поради влошување на нивната психолошка состојба како резултат на тековната разорна војна во Газа, пренесува Анадолу.
„Повеќе од 60 отсто од студентите рекоа дека нивната психолошка состојба се влошила по избувнувањето на војната на 7 октомври 2023 година“, објави израелскиот канал 13, цитирајќи ги резултатите од анкетата.
„Околу 40 отсто од нив размислуваат да ги напуштат студиите поради последиците од војната“, се додава во анкетата, во која се вели дека процентот меѓу студентите резервни војници достигна 42 отсто.
Најновата анкета, спроведена од страна на Здружението на студенти во Израел, на која учествуваа 7.350 учесници, откри дека 48 отсто од студентите рекле дека „добиле или би можеле да добијат психолошка помош во иднина поради војната“.
Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа на 7 октомври во која загинаа најмалку 28.064 Палестинци, а 67.611 беа повредени по ненадејниот напад на палестинската група на отпорот Хамас.
Според ОН, израелската офанзива остави 85 отсто од населението во Газа внатрешно раселено поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.